Само за еден ден во Скопје – три сообраќајни несреќи во кои учествуваат и мотоциклисти од кои една со трагичен крај. Со топлото време, скопските улици се претворија во писти за тркање и на возила и на мотори.

Нервозни пешаци, неверојатна гужва и загушување на улиците со возила од сите села и градови од републикава (како само Скопје да постои во цела Македонија), блокирани тротоари со столбови заради што третата лента на булеварите стана паркинг простор, нетрпеливи возачи – ваква е секојдневната слика и прилика низ главните булевари, а и споредните улици на Скопје.

Во обиколка на градов за само час и половина на терен регистрираме бројни прекршувања на учесниците во сообраќајот.

Статистиките се црни – од јануари до сега во сообраќајни несреќи биле повредени 40-тина мотоциклисти, а дури девет го загубиле животот. Според Благоја Мартиновски на кого пасија му е моторџиството, оваа состојба е последица на отсуство на сообраќајна култура и невнимание.

„Секој вози како сака, нас дневно ни се случуваат неколку ситуации во кои ни се загрозени животите, поминуваме со „Извини, не те видов“. Треба да се воведат ригорозни казни каде преминување на црвено и две полни ленти ќе се казнува како тешко дело. Додека не се казнуваат, се е залудно.“ вели Мартиновски.

Од МВР информираат дека се спроведуваат ригорозни контроли и најстрого ќе бидат казнувани сите прекршоци кои што се прават во сообраќајот.

„Апелирам до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата затоа што тоа се гарантира безбедноста не само на нив, туку и на останатите учесници. МВР спроведува и ќе спроведува ригорозни контроли и најстрого ќе бидат санкционирани сите прекршоци кои се прават во сообраќајот.“ – изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.

Дел од мотоциклистите најавуваат протести поради зачестените сообраќајни незгоди.

Мартиновски вели како учесници во сообраќајот често се лошо етикетирани поради таканаречените моторџии кои покрај што ја загрозуваат безбедноста на останатите учесници во сообраќајот го нарушуваат и угледот на луѓето на кои моторите им се пасија.

„Ние сме етикетирани дека сме дивјаци. Има моторџии кои купуваат мотори од чалам и во оние мото кругови не се моторџии. Нам ни пречат оние кои ги кршат правилата.“ – вели Мартиновски.

За непочитување на постоечката законска регулатива во сообраќајот казните се движат од 50 до 500 евра.

Извор: 24.мк
Повеќе вести од денес тука.

Comments

comments

Сподели.


За Авторот

Коментарите се затворени.