Сообраќајната полиција во Баварија за само еден ден фатила 8.500 пребрзи возачи, а во Британија половина од возачите сметаат дека пречекорувањето на брзината е – нормално

Доколку е за утеха, не е само кај нас состојбата на патиштата катастрофална – сообраќајната полиција во Баварија за само еден ден фатила 8.500 „брзи“ возачи, а во Британија половина од возачите сметаат дека пречекорувањето на брзината е нормално.

На повеќето автопатишта во Германија нема ограничување на брзината, па така возачите често се „забораваат“ и појако го притискаат акцелераторот и на локалните патишта. Таму минатата недела ги чекаше полицијата со вклучени радари.

Резултатот на еднодневната акција – „упукани“ се дури 8.466 возила со пречекорена брзина.

„Шампион“ е 35-годишен човек кој е уловен при брзина од дури 189км/ч на регионален пат со ограничување од 100км/ч. Овој возач на лице место останал без возачка дозвола на три месеци, добил два казнени бода и казна од 1.200 евра.

Во Велика Британија пак, дури половина од возачите сметаат дека е во ред да се пречекори дозволената брзина.

Возењето преку ограничување е прифатливо за дури 50% од британските возачи, покажуваат истражувањата спроведени во оваа земја.

Испитаниците сметаат дека е сосема прифатливо да возат 41км/ч (26 миљи на час) во зона каде ограничувањето изнесува 32км/ч (20 миљи на час).

Исто така, возачите сметаат дека е во ред да се вози со брзина од 127км/ч на автопат, иако тука брзината е ограничена на 112км/ч.

Во истражувањата направени од осигурителната куќа Direct Line учествувале преку 2.000 британски возачи, а 78% од анкетираните признале дека возат побрзо од ограничувањата, додека 5% велат дека тоа го прават секогаш кога ќе седнат во својот автомобил.

„Возењето со брзина поголема од дозволената е една од најчестите причини за сообраќајни незгоди со смртни последици во Британија“, рече Роб Мајлс, директор на осигурителната куќа Direct Line.

Повеќе вести од денес тука.

 

Comments

comments

Сподели.


За Авторот

Коментарите се затворени.