Шведската мануфактура го претстави жесток наследник на Agera RS, кој има задача во „џеб да ги стави“ чудовиштата од Bugatti и Hennessey

На публиката и на пошироката светска јавност Koenigsegg во Женева го претстави предпродукциското издание на наследникот на моделот Agera RS, со номенклатура Jesko (име на таткото на сопственикот на Koenigsegg).

Станува збор за ултрабрз хиперавтомобил двосед, за кој Кристиан фон Кенигзег вели дека на првите симулации развил повеќе од 482 км/ч.

Jesko го движи значително модифицирана верзија на 5-литарскиот V8 biturbo агрегат од Agerа, а дополнително олеснетиот болид во комбинација со Е85 биогориво развива фантастични 1.600 коњски сили и 1.500 Нм.

За пренос на оваа енормна сила врз подлогата Koenigsegg создаде сопствен 9-степен менувач, 90 килограми полесен од менувачот кој Bugatti го вградува во Chiron.

Подолг и поширок од Agerа, Jesko е опремен со управување и на задната оска, а во вистински задоволство спаѓаат и рачно правените карбонски 20 и 21-инчни фелни, со маса од само 5,9 килограми (предните), односно 7,7 килограми (задните, 21-инчни), што секако придонесува на вкупната ниска маса на возилото кое изнесува нешто повеќе од 1.400 килограми.

Секое големо задоволство има и голема цена, па така комплет на овие фелни чинат „само“ 65.000 долари. Не е печатна грешка, добро прочитавте – шеесет и пет илјади долари.

Супербрзиот Koenigsegg Jesko не е аскетски опремен наменски двосед, туку стандардно ќе се испорачува со клима уред и мултимедијален систем, а движењето на вратите, предната хауба и капакот на моторот е на копче.

Меѓу интересните детали спаѓа и дисплеј на инструменалната табла сместена на столбот на управувачот.

Пред реализацијата на најавениот хибриден модел, кој би требало да се појави наредната година, Koenigsegg ќе го произведе Jesko во само 125 единици, со динамика на производство од околу 40 примероци годишно.

Цената на овој импресивен хиперавтомобил изнесува околу 3 милиони долари.

Повеќе вести од денес тука.

Comments

comments

Сподели.


За Авторот

Коментарите се затворени.