Концептен хибриден спортист на францускиот лав – до стотка за само 4,3 секунди!

Peugeot 508 Sport Engineered има суперспортски имиџ и изгледа импресивно – Selenium Grey боја жестоко компонирана со контрастни Kryptonite Green детали, во кабината „фршти“ од алкантара и карбон, Kryptonite Green шевови, дигитална инструмент табла, 10.0-инчен екран осетлив на допир.

Францускиот реномиран произведувач го претстави концептот Peugeot 508 Sport Engineered со plug-in хибриден погон и спортски перформанси, пред официјалната светска премиера закажана за Женева.

Новиот хибриден концепт е дело на експертите од Peugeot Sport одделението, а возилото е базирано врз серискиот модел 508 Hybrid.

Срцето на погонскиот систем го сочинува унапреден 4-цилиндричен 1.6-литарски PureTech турбо бензинец со 200 кс, во пар со два електромотори.

Унапредениот PureTech 200 агрегат и електромотор од 110 кс ги „возат“ предните тркала, а засебен електричен мотор од 200 кс ја движи задната оска, што на ова возило му обезбедува и погон на сите 4 тркала.

Иако вкупната сила на трите погонски единици изнесува преку 500кс, францускиот произведувач вели дека реално на возачот му е на располагање комбинирана сила од околу 400 кс.

Максималниот вртежен момент е 500 Нм, а Peugeot тврди дека 508 Sport Engineered Concept од мирување до брзина од 100 км/ пристигнува за само 4,3 секунди, пред да ја достигне најголемата брзина од 250 км/ч, која е електронски ограничена.

Концептот е опремен со погонски батерии со 11,8 kWh капацитет, што на францускиот спортист му овозможува да помине до 50 километри во исклучиво електричен режим.

„Концептот 508 Sport Engineered ги покажува нашите можности и ги навестува нештата кои ќе се случат во наредните пет години, за кога е планирана електрификација на целата производна гама“, порачаа од Peugeot.

Peugeot 508 Sport Engineered концептот ќе биде изложен на штандот на францускиот произведувач на претстојниот Автосалон во Женева, а не е соопштено дали е во план продукциска верзија.

Повеќе вести од денес тука.

Comments

comments

Сподели.


За Авторот

Коментарите се затворени.